Полска го наградува лидерот на Кримските Татари

Долгогодишниот лидер на Кримските Татари, Мустафа Џемилев.

Полската годишна награда Солидарност ќе му биде доделена на долгогодишниот лидер на Кримските Татари, Мустафа Џемилев. Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски денеска изјави дека претседателот Бронислав Коморовски ќе му ја врачи наградата на Џемилев на специјална церемонија во Варшава во јуни. Сикорски рече дека Џемилев се бори за човекови права уште од советско време и помина скоро 10 години во советските затвори поради неговите напори за заштита на правата на Кримските Татари. Џемилев го поддржува територијалниот интегритет на Украина. Наградата Солидарност беше воведена во јануари, како дел од прославата за 25-годишнината од историските избори одржани на 4 јуни 1989 година, кои доведоа до формирање на првата демократска влада во Полска по Втората светска војна.