Давутоглу одговори на германските критики за Турција

Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу.

Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу одговори на критиките упатени од германскиот претседател Јоаким Гаук кон Турција, за време на посетата на земјата минатата седмица.

Гаук ја критикуваше турската исламистичко-конзервативна Влада за односот кон социјалните мрежи и печатот и за конфонтацијата со судскиот апарат.
Ако еден германски претседател вели „загрижен сум за иднината на Турција, тогаш и ние можеме да кажеме дека сме загрижени за иднината на Германија поради неонацистите“, рече Давутоглу.

„Ако треба да сме загрижени за нешто, тоа е расизмот по улиците на Европа, исламофобијата, опожарувањето на турски домови во Германија и навредите“, рече Давутоглу по средбата на Советот на Европа во Виена.

Треба да бидеме почитувани, за да покажеме почитување. Никој не може да се однесува кон Турција како кон второкласна европска земја, додаде шефот на турската дипломатија.