Зголемување на извозот во првото тримесечје

Во првите три месеци од годинава извозот на стоки од Македонија изнесува 1,112 милијарди долари, а увозот 1,696 милијарди американски долари. Извозот во однос на првиот квартал од минатата година бележи зголемување од 17, а увозот 13 отсто. Како што објави Државниот завод за статистика, покриеноста на увозот со извоз е 65,6 проценти, а трговскиот дефицит изнесува 584 милиони американски долари.

Македонија најмногу извезува катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, феросилициум, фероникел, производи од железо и челик (валани производи) и облека, а увезува платина и легури на платина, необработени или во прав, електрична енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Од вкупно извезените стоки, 80,1 проценти завршиле во ЕУ, а 12,4 проценти во земјите од Западен Балкан. Најмногу или 63,2 проценти се увезувало од ЕУ. Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија. Со овие земји се врши 52,1 отсто од вкупната надворешно-трговска размена.