Обама и Меркел одлучни Русија да плати цена за постапките во Украина

Американскиот претседател Барак Обама по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел во Вашингтон изјави дека САД и Германија се обединети во нивната одлучност Русија да плати цена за нејзините постапки во Украина. На заедничката прес-конференција во Белата куќа, Обама го осуди, како што рече, срамниот третман на набљудувачите на ОБСЕ киднапирани од проруските сепаратисти во источна Украина.

Меркел рече дека ако Москва продолжи да ги попречува претседателските избори во Украина закажани за 25 мај, дополнителни санкции против Русија ќе бидат „неизбежни“.

САД и ЕУ веќе воведоа санкции против десетици Руси и проруски ориентирани Украинци поради руската анексија на Крим. Брисел и Вашингтон веќе разговараа за дополнителни санкции кои треба да го погодат рускиот енергетски сектор.

Меркел забележа дека шест држави членки на ЕУ се 100 отсто зависни од увозот на руски гас, но оти ЕУ се обидува да ја намали својата зависност од руска енергија.