СДСМ не го признава Иванов за претседател

СДСМ соопшти дека не го признава Ѓорге Иванов за претседател на Република Македонија. Во денешното соопштение од СДСМ се наведува дека „Ѓорге Иванов е избран на функцијата претседател на Република Македонија, на криминални, нефер и недемократски избори“.

„Од тие причини, Уверението што денеска го доби Иванов од член на ДИК, во отсуство на дел од членовите во највисокото изборно тело и на претседателот на ДИК, е парче хартија, коешто притоа не ја одразува волјата на сите граѓани на Република Македонија“, се вели во партиското соопштение.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговори дека на криминален, нефер и недемократски начин Зоран Заев бил ослободен од притвор и од судска постапка токму од лицето кое на криминален начин и со полнење кутии ја узурпирало функцијата претседател не Република Македонија.

„За разлика од тогаш, на 13 и на 27 април имаше мирни, слободни, фер и демократски избори на кои граѓаните јасно ја изразија својата волја и ги отфрлија старите лица од политиката кои лажно се претставуваа за нови“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.