Привремен прекин на огнот во сирискиот град Хомс

Архивска фотографија: Хомс.

Сириската влада и бунтовниците постигнаа договор за привремен прекин на огнот во Хомс, кој ќе им овозможи на опколените бунтовници да се повлечат од градот во централна Сирија. Активистите од Хомс јавуваат дека прекинот на огнот денеска стапил на сила, но оти сè уште не започнало повлекувањето. Ако договорот биде исполнет, сите, освен еден дел на Хомс, кој порано беше нарекуван „главен град на револуцијата“, ќе се вратат под владина контрола. Тоа ќе значи голема воена предност на владините сили само еден месец пред најавените претседателски избори, на кои се очекува да победи претседателот Башар ал-Асад. Стотици жители на Хомс беа евакуирани од градот во февруари за време на хуманитарниот прекин на огнот кој беше надгледуван од ОН и Црвената полумесечина. Силите на Асад ги потиснаа бунтовниците од околината на Дамаск и од централна Сирија, но големи делови од земјата сè уште не се под владина контрола.