Укинати обвиненијата против 60 луѓе обвинети за корупција во Турција

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган.

Турското обвинителство го прекина случајот против 60 осомничени за истражување на корупцијата, што започна на 17 декември и опфати владини службеници и бизнисмени, блиски до владејачката Партија на правдата и развојот, пишува „Хуриет дејли њуз“. Меѓу нив е и синот на поранешниот министер за животна средина и градежништво Ердоган Бајрактар, Абдула Огуз Бајрактар, и градежниот магнат Али Агаолу.

Тие беа приведени при полициска операција на 17 декември, а на 21 декември беа ослободени. Десетици лица, блиски до владата на Партијата на правдата и развојот, која е на власт од 2002 година, беа приведени и обвинети во рамки на истрагата, вклучувајќи ги и синовите на тројца министри. Како последица на тоа, тројцата министри поднесоа оставки. Сите кои беа ставени во притвор по операцијата од 17 декември подоцна беа ослободени.

Премиерот Реџеп Таип Ердоган ја оцени истрагата како заговор против Владата, организиран од муслиманскиот проповедник кој живее во САД Фетулах Ѓулен, чие движење има влијание во полицијата и судскиот систем.