Проруските сепаратисти го зазедоа обвинителството во Доњецк

Околу 300 проруски сепаратисти во градот Доњецк во источна Украина денеска упаднаа во јавното обвинителство. Пруруските групи фрлале камења кон специјалците кои направија обрач околу зградата. Полицијата употреби димни бомби и солзавец. Дел од демонстрантите одзедоа штитови од полицајците. До судирите дојде по маршот на проруските групи низ градот. Демонстрантите носеа знамиња на „Доњецката Народна Република“, движење кое се залага или за поголема автономија од централната власт во Киев или за отцепување и можно припојување кон Русија. Напаѓачите го симнаа и го запалија украинското знаме и на зградата на обвинителството го развеаја знамето на „Доњецката Народна Република“. На телевизиските снимки се гледа дека полицијата ја напушта зградата. Доњецк е центарот на поддржувачите на соборениот претседател Виктор Јанукович.