Македонија - синдикални протести без ССМ

Протести по повод први мај најавија неколку синдикати и движења за заштита на работничките парава, кои како што соопштија, не можат да не го одбележат меѓународниот ден на трудот во земја каде да се биде вработен е привилегија, а не право, која се плаќа со човечкото достоинство. Протестот ќе започне во 12 часот пред Парламентот и ќе продолжи пред Владата.
Истовремено ќе се протестира и во Куманово. Здравко Савески од левичарското движење Солидарност вели дека за разлика од минатите години сега на протестите ќе има и барања кои ќе бидат адресирани до Владата. Според него, се работи за три барања и тоа Законот за минимална плата да не ги дискриминира работниците кои се најзгрозени и да се изедначи на сумата од 8.800 денари, потоа да се остварува правото на штрајк и да се овозможи вистинско функционирање на синдикатите.
Сепак, најмасовниот Сојуз на синдикати на Македонија и годинава одлучи да не повика на првомајски протест. Нашата стратегија неколку години наназад не е поврзана со празнувањето со одреден фолклор и прославување со музика, туку сме се определиме празнувањето да го вршиме преку конкретни кампањи и со добивање на конкретни резултати, вели претседателот на ССМ Живко Митревски.