Излеана Злетовска Река, поплавени 40 хектари

Архивска фотографија: Поплави во источна Македонија во 2013 година.

Поради обилните врнежи дожд и надојдените води од топењето на снегот од Осоговијата, Злетовска Река денеска се излеа од коритото низводно во атарите на селата Жиѓанци, Новоселани и Лепопелци во општината Чешиново-Облешево. Се проценува дека штетите се големи бидејќи на дел од нивите има посеано ориз, а со поплавите водата им го однела семето. Направивме увид на лице место и констатиравме дека 40 хектари се поплавени од надојдените води на Злетовска Река, истакна Борче Сандев, преставник на општина Чешиново-Облешево. Тој истакна дека општината ги известила Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување за поплавите во атарите на трите села, и очекуваат во текот на попладневните часови да пристигне механизацијата за да се исчисти дел од коритото и водата да се повлече во него.