Украинската армија во целосна борбена готовност

В.д. претседателот на Украина Олександр Турчинов денеска изјави дека украинската армија е во целосна борбена готовност, откако проруските сепаратисти ја презедоа контролата врз уште неколку административни згради на истокот на земјата. На министерскиот состанок во Киев, тој рече дека заканата од Русија да почне војна на територијата на Украина е реална и додаде дека украинските вооружени сили се во целосна борбена готовност. Проруските сепаратисти денеска ја презедоа контролата врз владината зграда и седиштето на полицијата во градот Хорливка. Засега нема информации дека имало жртви. Во изминатите неколку недели, сепаратистите окупираа владини административни згради и полициски станици во десетина градови во источна Украина. Проруските лидери во источниот дел на земјата бараат референдум за поголема автономија на нивниот регион.