Орав: Ја следиме ситуацијата во Македонија

ЕУ ќе продолжи да ја следи ситуацијата во Македонија одблиску и најверојатно ќе има и други коментари што ќе следат понатаму, изјави денеска евроамбасадорот Аиво Орав.

„Вчера имавме заедничка изјава од Делегацијата на ЕУ и на САД. Мислам дека нашиот став е многу јасен во врска со тоа прашање. ЕУ ќе продолжи да ја следи ситуацијата одблиску и најверојатно ќе има и други коментари што ќе следат понатаму“, изјави Орав, одговарајќи на новинарско прашање за тоа каков е ставот на Унијата за непризнавањето на изборите од страна на опозициската СДСМ.

Евроамбасадорот рече дека исто така ја споделуваат оценката содржана во извештајот за изборите на ОБСЕ/ОДИХР и дека исто така детално го проучуваат.

„Ние ја споделуваме оценката на ОБСЕ/ОДИХР во поглед на ефикасното спроведување на неодамнешните избори. Забелешките што тие ги изразија, слични на оние од 2011 и 2013 година, а кои се однесуваат на пристрасно покривање од страна на медиумите и на непостоење на разграничување на државните од партиските активности, што не овозможува рамноправен терен за натпревар, треба да бидат адресирани“, наведоа од Делегацијата на ЕУ и амбасадата на САД во вчерашната заедничката изјава.