Први насилства на парламентарните избори во Ирак

Две минофрлачки гранати изутринава паднаа во близина на избирачки места западно од Багдад, непосредно по почетокот на гласањето за нов парламент на Ирак. Според извештаите, во овие инциденти нема жртви.
Ова е прво насилство на денот на изборите, а загриженоста за безбедноста е голема, со оглед на тоа што Ирак се соочува со најголемите секташки насилства во последните неколку години. Кампањата беше нарушувана од терористички бомбашки напади, како и од судири меѓу владините трупи и бунтовниците во Рамади и Фалуџа во западната провинција Анбар. Ирачката изборна комисија соопшти дека може да обезбеди гласање во само 70 проценти од територијата на Анбар. Премиерот Нури ал-Малики, кој претендира за трет 4-годишен мандат, изјави дека победата е извесна.
Избирачките места беа отворени во 7 часот по локално време, а гласањето ќе трае до 18 часот. Повеќе од 9 илјади кандидати од 277 политички блокови се натпреваруваат за 328 места во парламентот.
Повеќе од 20 милиони Ирачани имаат право на глас на првите парламентарни избори по повлекувањето на американските сили во 2011 година.