Поради неплатени сметки исклучен гасот кај пакистанскиот премиер

Пакистанскиот премиер Наваз Шариф.

Пакистанската компанија за снабдување со гас го исклучи гасот во официјалната резиденција на премиерот и во парламентот поради неплатени сметки. Претставник од државната компанија „Северен гасовод Суи“ соопшти дека резиденцијата на премиерот Наваз Шариф должи 48 илјади долари за неплатени сметки. Парламентот, канцелариите на пратениците, федералниот суд и други владини згради должат повеќе од 200 илјади долари. Исклучувањето е засрамувачко за Шариф кој минатата недела нареди заострување на мерките кон неплаќачите за да се зголеми наплатата на сметките. Шариф, чија партија победи на парламентарните избори во 2013 година, вети дека ќе ја реши енергетската криза во Пакистан која предизвикува рестрикции кои траат по 12 часа дневно.