Украина ќе го плати долгот ако Русија ги врати старите цени за гасот

Украина соопшти дека ќе го плати долгот од 2,2 милијарди долари кон руската државна компанија за гас Газпром, ако фирмата се согласи да и прадава гас на Украина за 268,5 долари за 1000 кубни метри. Украинскиот премиер Арсениј Јацењук на денешната владина седница рече дека веќе испратил таков предлог до Газпром. Според некои руски претставници, украинскиот долг за гас кон Газпром достигнува 16 милијарди долари. Јацењук исто така рече дека украинската државна компанија за гас Нафтогаз поднела документи пред Арбитражниот суд во Стокхолм, поради тоа што Газпром ја зголеми цената на гасот за Украина од 268,5 на 485 долари. Во меѓувреме, Украина и Словачка потпишаа договор за испорака на 10 милијарди кубни метри гас годишно од Словачка за Украина.