Ни збор за фер и демократски, за ОБСЕ изборите биле ефикасно спроведени

Aмбасадорот Герт-Хајнрих Аренс, шеф на ограничената мисија за набљудувачи на изборите на ОБСЕ/ОДИХР.

Ни збор за слободни, фер и демократски избори во прелиминарниот извештај на набљудувачката мисија на ОБСЕ, која сепак оцени дека вториот круг од претседателските и предвремените парламентарни избори биле ефикасно спроведени, а кандидатите можеле слободно да водат кампања.

„Иако основните слободи беа почитувани, пристрасната медиумска покриеност и мешањето на државните и партиските активности не овозможија еднаков терен за натпревар за кандидатите, спротивно на ставовите 5.4 од Копенгагенскиот документ на ОБСЕ од 1990 години и стандардите на Советот на Европа“, се наведува во прелиминарниот извештај на ОБСЕ.

Специјалниот координатор на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ Кристине Мутонен на денешната прес-конференција посочи дека ОБСЕ не го препорачува бојкотот како демократско средство и додаде дека нема демократија без опозиција, а особено без опозиција во Парламентот. Затоа, како што нагласи, многу е битно што ќе се случува по изборите и им препорача на партиите интересот на македонскиот народ и стабилноста на земјата да им биде пред сè и да направат сè за да се реализираат стратешките цели на Македонија, а тоа е полноправно членство во ЕУ и НАТО.