Бран насилства во пресрет на изборите во Ирак

Се зголемува бранот насилства во Ирак во пресрет на парламентарните избори закажани за 30 април. Властите соопштија дека најмалку двајца припадници на безбедносните сили денеска загинаа во самоубиствен бомбашки напад на гласачко место во северен Багдад. Во градот Киркук на северот на земјата, пак, во сличен напад, кога бомбаш самоубиец го активирал експлозивот во близина на гласачко место, загинале шестмина полицајци. Еден полицаец бил убиен во градот Тикрит во централен Ирак. Најмалку еден војник загинал во серија експлозии кои таргетирале гласачки места во Мосул на северот на земјата. Во истиот град беа повредени и шестмина новинари, кога нивниот автобус нагазил на мина. Војската и полицијата гласаат денеска, за на денот на изборите да може да се фокусираат исклучиво на безбедноста.