Мал интерес кај Албанците за претседателските избори

Податоците кои ги објавија општинските изборни комисии покажаа дека и во текот на попладнето гласањето за претседател се врши претежно според етничката припадност во тетовско и гостиварско.

На два часа пред затворањето на гласањето, во Општина Желино, каде живее претежно албанско население, 9 отсто од граѓаните се решиле да гласаат за еден од двајцата кандидати за претседател кои влегоа во вториот круг. Слична е состојбата и во Боговиње каде е забележана излезност од 11,39 проценти на претседателските избори.

Од друга страна, во Општина Јегуновце каде доминира македонско население, 33 проценти од граѓаните гласале за претседателски кандидат. За листите со кандидати за пратеници, повторно Желино има најмалку излезност на граѓаните од 37,9 проценти. Следува Боговиње каде 38 отсто од граѓаните го оствариле правото на глас. Во Општина Јегуновце гласале 47 проценти од запишаните во избирачкиот список.

Најголема излезност до 17 часот се бележи во Тетово каде 49 проценти од изборачите дошле во избирачките места да гласаат.