Цивил - семејно гласање, поткуп

Семејно гласање, поткуп на гласачи за 500 денари по глас, организиран превоз на гласачи и нерегуларности во избирачкиот список се само дел од забелешките на невладината Цивил констатирани до 12 часот.
Најфрапантен пример е забележен во Радовиш, Ромско маало, каде што лице гласало за најмалку 30 граѓани кои се пријавиле дека се неписмени. Изборната комисија го дозволила ова. Забележано е читање на имињата на гласачите на глас на избирачки места во Богданци, Прилеп и во Куманово. Во Сопиште еден маж гласал за две жени. Во Шуто Оризари, исто како и за првиот круг од претседателските избори, забележано е разнесување на гласачи со обележани, нумерирани возила.Во Аеродром и во Гази Баба забележани се колони од по 20 возила полни со гласачи. Повторно се евидентирани проблеми со мастилото при гласањето – голем број граѓани пријавиле дека мастилото им се брише веднаш по гласањето, дури и со обична вода. Во Струмица забележан е и поткуп на гласачи – лица делеле по 500 денари за глас за парламентарните и по 500 денари за претседателските избори.Утринава до невладината Цивил пријавени се и голем број забелешки во однос на разнесување промотивен материјал за време на изборниот молк.