Назначен нов шеф на иранските затвори

Протест на семејствата на затворениците на 22 април.

Иран назначи нов шеф на затворите по протестите на семејствата во врска со наводна злоупотреба на затвореници. Според државната новинска агенција ИРНА, Ашгар Џахангир доаѓа на местото на Голамхосеин Есмаили, кој е назначен за нов шеф на Одделот за правда на Техеран. Семејствата на затворениците во затворот Евин во Техеран протестираа два пати оваа недела пред парламентот и пред кабинетот на претседателот Хасан Рохани. До протестите дојде по извештаите дека политичките затвореници во затворот се претепуваат и дека на некои им било потребно болничко лекување. Властите негираа дека затворските чувари извршиле каков било напад. Амнести интернејшнал изрази загриженост поради насилството за кое се пишуваше.