Димовски - Дали Заев соработувал со наводниот донатор на ВМРО-ДПМНЕ?

Директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски на денешната прес-конференција во партиското седиште праша дали лидерот на СДСМ Зоран Заев лично го фалсификувал документот каса-прими, според кој ВМРО-ДПМНЕ примила 80 илјади евра кеш од лицето Загорец Тумбовски, кој е осуден на шест години затвор и е во бегство. Димовски праша дали Заев го направил фалсификатот заедно со посочениот Тумбовски и дали фамилијата на Заев има или имала бизнис соработка со осудениот Загорец Тумбовски.

Заев вчера посочи, како што рече, доказ дека ВМРО-ДПМНЕ во два наврати примила кеш од посочениот од 30 и од 50 илјади евра во кеш, иако според законот не смеат да земат повеќе од 5 илјади евра од физичко лице.

Димовски исто така рече дека СДСМ многу сериозно спрема сценарио за непризнавање на изборните резултати од парламентарните и претседателски избори в недела.

„СДСМ има дадено јасна насока и налог до нивните активисти и членови да провоцираат проблеми и да создаваат конфликтни ситуации во деновите кои следат со цел да изградат алиби за својата погубна политика и за својот изборен пораз“, рече Димовски.