Почна судски процес против корисници на Твитер во Турција

Во Турција денеска започна судски процес против 29 корисници на Твитер кои се обвинети дека ја поттикнувале јавноста на нарушување на законот преку твитови за антивладини протести во Турција минатата година. Адвокати на обвинетите изјавија дека случајот е политизиран, јави БТА.

Според активисти за заштита на човековите права, обвинетите, кои се претежно млади, само споделиле информација на социјални медиуми за масовните демонстрации, кои започнаа во паркот Гези во Истанбул и се проширија во целата земја. Тие сметаат дека обвинетите не го нарушиле законот.

Турската Влада се обидува да ја контролира употребата на социјалните мрежи, кои беа искористени за организирање протести и за прикачување записи, кои ги критикуваат корупциските дејствија на владини службеници.

Твитер, кој беше наречен „закана“ од премиерот Реџеп Таип Ердоган, беше блокиран две седмици. Уставниот суд излезе со одлука за обновување на пристапот до социјалната мрежа.