Путин предложи формирање слободна коцкарска зона на Крим

Рускиот претседател Владимир Путин до рускиот парламент поднесе предлог-закон за формирање легална коцкарска област во украинскиот регион Крим, кој минатиот месец беше анектиран од Русија. Мерката има за цел да привлече инвестиции кои треба да помогнат за обнова на кримската економија која страда од долгогодишна корупција и низок економски раст. Границите на коцкарската област треба да ги утврдат, како што велат во Москва, властите на Руската Република Крим. Се очекува законот да биде донесен од парламентот. Во 2009 година беа забранети казината ширум Русија, како дел од мерките за намалување на зависноста од коцкање и придружните општествени проблеми. Сепак, се формираа четири официјални коцкарски зони во различни области во земјата. Ако овој закон биде донесен, Крим ќе биде петтата таква зона.