Иран не планира никого да нападне, ама е подготвен да се брани

Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека Техеран нема намера да изврши акт на агресија, но оти е подготвен да се брани. Тој ова го кажа за време на денешната воена парада по повод Денот на армијата. Рохани рече дека за време на разговорите за иранската нуклеарна програма со шестте светски сили, Техеран му кажал на светот дека не сака да нападне ниедна држава, но оти цврсто ќе се спротивстави на каква било агресија врз Иран. За разлика од неговиот радикален претходник Махмуд Ахмадинеџад, Рохани не го искористи говорот по повод Денот на армијата за навреди кон САД и Израел. Од доаѓањето на Рохани на претседателската позиција има затоплување на односите меѓу Иран и Западот. Според прелиминарниот договор меѓу Иран и шестте светки сили од ноември, Техеран треба да ги намали контроверзните нуклеарни активности во замена за олеснување на дел од меѓународните санкции.