Повеќе американска неборбена помош за Украина

Американскиот секретар за одбрана Чак Хејгел и полскиот министер за одбрана Томаш Сиемониак во Пентагон.

Американскиот секретар за одбрана Чак Хејгел денеска изјави дека САД ѝ испраќаат повеќе неборбена помош на Украина. На прес-конференцијата по средбата со полскиот министер за одбрана Томаш Сиемониак во Пентагон, Хејгел рече дека помошта содржи медицински потрошен материјал, шлемови, единици за прочистување на вода и генератори за струја. САД претходно испратија помош во готови оброци за украинската војска. Сепак, американски функционери изјавија дека во моментов нема планови за испраќање оружје и муниција за украинската армија.

САД ги поддржуваат напорите на украинската влада за безбедносна операција за задушување на проруските групи кои зазедоа владини згради во источна Украина.

Вашингтон ја обвини Русија за активно дестабилизирање на ситуацијата во Украина и побара Москва да ги повлече илјадниците војници распоредени во близина на границата со Украина.

НАТО претходно соопшти дека ќе распореди повеќе бродови, авиони и војска во источните членки на Алијансата за да ги брани од можна руска агресија.