Србите од северно Косово ја прекинуваат соработката со ЕУЛЕКС

Србите од северно Косово соопштија дека Мисијата на ЕУЛЕКС веќе не е добродојдена да работи во нивните заедници. Лидерите на Србите од општините Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечан и Северна Митровица синоќа одлучија да ја прекинат соработката со ЕУЛЕКС. До овој чекор доаѓа откако овој месец беше уапсен косовски Србин поврзан со убиството на косовски полицаец – етнички Албанец. Полицаецот Енвер Зимбери беше застрелан од снајпер во северно Косово во јули 2011 година. Претседателот на локалното собрание во Зубин Поток, Немања Јакшиќ, за Радио Слободна Европа изјави дека апсењето предизвика тензии меѓу ЕУЛЕКС и Србите на северно Косово и оти нема да соработуваат со Мисијата на ЕУЛЕКС сè додека не се решат голем број прашања.