Путин - Довербата со САД е изгубена многу пред кризата во Крим

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека довербата меѓу Русија и САД е изгубена „до одреден степен“, но оти тоа не е по вина на Москва. На редовната годишна сесија на која директно одговара на прашања на граѓаните, Путин рече дека довербата била изгубена многу пред кризата во Крим. Тој вели дека Русија сака да ја обнови соработката, но оти Вашингтон треба да престане да користи „двојни стандарди“, да ги почитува интересите и на другите и да го почитува меѓународното право.

Путин исто така рече дека Москва не сака да ги расипе односите со Европа. Сепак, посочи на инцидентот кога, според неговото тврдење, генералниот секретар на НАТО, Андрес Фог Расмусен, во времето кога беше дански премиер, тајно снимил нивен меѓусебен разговор и снимката ја доставил до медиумите.

„Како може да има доверба по ваков инцидент“, праша Путин.

На прашањето од поранешниот соработник на американските безбедносни служби Едвард Сноуден, Путин одговори дека Русија не врши „масовен и недискриминирачки“ надзор врз своите граѓани. Тој рече дека таквиот надзор би бил нелегален и дека Русија нема „технички средства“, ниту пари како САД за да спроведе таква операција. Путин, кој е поранешен агент на КГБ, рече дека му одговара на Сноуден како „еден професионалец на друг“.

Едвард Сноуден го постави прашањето по видео врска. Тој се соочува со обвиненија за шпионажа и кражба затоа што обелодени класифицирани информации за американската програма за електронски надзор. Во моментов, тој е во Русија каде што во јуни доби привремен азил.