Баросо - Москва да не го запира гасот за Украина

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо ја повика Москва да не ја запира испораката на гас за Украина. Во писмото до рускиот претседател Владимир Путин, Баросо пишува дека под прашалник е ставена договорената сигурност на Руската Федерација како снабдувач со гас. Писмото на Баросо е одговор на писмото во кое Путин претходно предупреди дека Русија може делумно или целосно да ја прекине испораката на гас за Украина во „случај на натамошно кршење на условите за плаќање“ од страна на Киев. Москва овој месец ја зголеми цената што Киев ја плаќа за рускиот гас за околу 80 отсто и соопшти дека Украина должи 2,2 милијарди долари за гас. Баросо во писмото исто така забележува дека „промените на договорите поради политичките околности се спротивни на духот на поддршка и соработка“ содржани во писмото на Путин.