Во Украина убиени тројца проруски активисти

Украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков соопшти дека тројца проруски активисти биле убиени во близина на Мариупол во источна Украина. Тој на Фејсбук напишал дека во инцидентот имало и 13 ранети активисти, додека 63 биле уапсени. Ова се случило откако украинските сили одговориле на нападот врз нивната база во текот на ноќта. Се прецизира дека околу 300 вооружени луѓе ја нападнале украинската база. До инцидентот дојде пред денешните разговори во Женева меѓу претставници на Украина, Русија, Соединетите држави и Европската унија за украинската криза.