ОН предупредуваат од сериозна дестабилизација на Украина

Иван Шимоновиќ

Немирите во источна Украина можат да доведат до сериозна дестабилизација на земјата во целост, предупреди помошникот на Генералниот секретар на ОН за човекови права, хрватскиот дипломат Иван Шимоновиќ. Во обраќањето пред Советот за безбедност, тој се осврна врз последниот извештај за човековите права, фокусиран врз Украина, истакнувајќи оти вооружувањето на демонстрантите во источна Украина мора да престане и дека треба да почне „вклучувачки, издржан и разумен национален дијалог“. Извештајот исто така ги побива руските тврдења дека големото руско малцинство во тој регион е изложено на напади.
Рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин го нарече извештајот неурамнотежен. Британскиот амбасадор Марк Грант ги критикуваше, како што ги нарече, руските фантастични приказни за кризата во Украина.
Американската амбасадорка Саманта Пауер ја обвини Москва за добро оркестрирана професионална кампања на поттикнување.
Украинскиот амбасадор Јуриј Сергеев изјави дека неговата земја бара Русија да ја остави на мир.