Заев - Сите ќе дознаат кој е главен креатор на криминалите во државата

Лидерот на СДСМ Зоран Заев најави дека партијата цврсто и поодлучно од кога било ќе влезе во втората фаза од предизборието каде се преклопуваат кампањите за претседателските и парламентарните избори.

„Од денес почнуваме од нула! Власта во ова второ полувреме од кампањата влегува со психолошка предност, но ние влегуваме со силна одлучност да го откриеме докрај криминалот на власта. Наредните денови сите ќе дознаат кој е главен креатор на криминалите во државата поради коишто пати нашиот народ“, истакна Заев на денешната партиска прес-конференција.

Тој ги повика членовите и симпатизерите на СДСМ на енергичност и на цврста определеност, за, како што рече, да се изборат за „Промените за нов почеток во Македонија“.

Според него, вчерашните изборни резултати се резултат на систематскиот притисок на власта преку државните инструменти во изминатите осум години.

„Вчера зад опозицијата застанаа околу 330 илјади граѓани на Република Македонија, што е растечка тенденција, а уште огромен број гласачи од разни причини остананаа дома. Во вториот изборен круг треба да ги мотивираме сите тие граѓани да го изразат својот став, кој евидентно, со останувањето дома и порачува на власта дека ја нема нивната поддршка“, рече Заев.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагира дека Заев ја повтори истата прес-конференција од вчера според која ги лоцира граѓаните како виновни за нивниот неуспех.

„СДСМ не може да излезе од филмот, кој нивното најтесно раководство го продуцира, според кој виновни за нивниот неуспех се секогаш сите, само не најтесното раководство на СДСМ“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.