Стејт департментот објави 10 нови лаги на Русија за Украина

Американскиот Стејт департмент соопшти дека 35-40 илјади руски трупи и натаму се распоредени по должината на границата со Украина, и покрај изјавите од Москва дека наредила делумно повлекување. Во листата од факти објавена вчера под наслов „ Руска фикција: продолжение- уште 10 лажни тврдења за Украина“ исто така се побива тврдењето на Русија дека нема нејзини агенти кои се активни во Украина, што се покажало со завчерашните настани во кои про-руски милитанти зазедоа владини згради во 6 источно-украински градови.
Во документот исто така се нагласува контрадикторноста на рускиот став дека не ја користи енергијата како оружје, со тоа што Русија ја зголемила цената на гасот за Украина за 80 насто во последните две недели.
Првата листа на факти за руските лажни изјави во врска со нејзината инволвираност во украинската криза беше објавена на 6 март.