Русија ѝ ги враќа запленетите воени бродови на Украина

Руската Црноморска флота соопшти дека започна процесот на предавање на украинските воени бродови на Украина. Флотата денеска соопшти дека ракетниот брод Прилуки испловил од пристаништето во Севастопол кон меѓународните територијални води каде што Украина ќе може да си го земе. Руската новинска агенција ИТАР-ТАСС, повикувајќи се на извор од руската Црноморска флота, објави дека Украина ќе треба да донесе бродови за влечење за да може да го однесе овој брод до пристаништето во Одеса, затоа што Прилуки е во толку лоша состојба што не може да плови сам. Истиот извор соопштил дека танкерот „Фастов“ исто така ѝ е предаден на Украина. Русија соопшти дека ќе ѝ врати на украинската морнарица околу 70 воени бродови, од кои најголем дел, како што тврдат руските претставници, се застарени и во лоша состојба.