Меѓународeн ден на Ромите

Во Македонија и во светот денеска се одбележува 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите. На овој датум во 1971 година во Лондон почна Првиот конгрес на Ромите кој траеше до 11 април. По тој повод Организацијата на обединетите нации го прогласи за Светски ден на Ромите. Во светот има 12 милиони Роми, иако според некои тврдења тој број е само за Европа. Ги има низ сите европски држави и во Америка. Најмногу се населени во Турција, околу пет милиони, по што следат Романија и Шпанија со по 1,5 милиони. Според пописот од 2002 година, во Македонија живеат околу 53.879 Роми или 2,66 отсто од вкупното население. Општина Шуто Оризари е единствената општина во светот каде мнозинството се Роми, а воедно и единствена општина во светот каде ромскиот е официјален јазик, покрај македонскиот. Исто така, со Уставот од 2001 година, Ромите во Република Македонија се признати како народ единствено во светот.