ДИК ќе ги проверува болните и немоќни гласачи што гласаат дома

Од 72 општински изборни комисии (ОИК) до Државната изборна комисија (ДИК) пристигнале 7.574 барања за гласање на болни и немоќни лица за претседателските избори на 13 април. ДИК на вчерашната седница ја разгледуваше информацијата за поднесените барања и донесе заклучок до денеска до 13 часот ОИК до нив да ја достават комплетната документација за овие лица.

Дел од членовите на ДИК побараа да се направи увид во списоците на ОИК, додека други сметаа дека тоа треба да се направи по изборите за да не се попречува изборниот процес.

Членот на ДИК Бедредин Ибраими посочи дека Комисијата треба да ги провери пријавите имајќи предвид дека на пример во Кавадарци има 220 пријавени и одобрени, во Демир Хисар 285, Кратово 172, додека во Кисела Вода само девет.

„Што значи или немало или, пак, ОИК правилно постапила по нашите упатства“, рече Ибраими.

Во Ресен каде има 178 барања, како што рече членот на ДИК Виолета Дума, еден лекар потпишал 78 уверенија, што е сомнително.

Влатко Сајковски смета дека проверката треба да се направи по завршувањето на изборите.

„Како и Општинските изборни комисии, така и ние во ДИК не сме лекари по професија, туку сме правници. Не сметам дека е соодветно ние да се впуштаме во поединечно разгледување на 7.574 пријави и известување за гласање на болни и немоќни лица“, рече Сајковски.

Сашо Срцев, пак, нагласи дека сè уште нема информација колку од тие барања се усвоени колку се одбиени.

Меѓу најбројните се пријавите од Велес - 522, Радовиш-505, Струмица - 411, Штип - 300, Прилеп 248...

Според Упатството што го усвои ДИК, ден пред претседателските избори право на глас ќе имаат само лицата кои се неподвижни и кои не можат сами да се хранат и да одржуваат лична хигиена. За да може да гласаат треба да имаат и документ за нега од трето лице.