Русија уапсила 25 Украинци осомненичени за планирање напади

Руските власти соопштија дека уапсиле 25 украински граѓани под сомнение дека планирале напади во земјата. Руската Федерална служба за безбедност соопшти дека приведените планирале да изведат напади во периодот од 14 до 17 март во неколку руски региони. Руската провладина телевизија НТВ претходно јави дека меѓу уапсените има тројца активисти на Десен сектор, украинска националистичка организација која одигра улога во соборувањето на про-рускиот претседател Виктор Јанукович во февруари. Украина ги отфрли обвинувањата како „бесмислица“. Објавувањето на веста за апсењето уследи само неколку часа откако украинската служба за безбедност обвини дека оперативци на руската служба за безбедност учествувале во планирањето на акција на украинските специјални сили за разбивање на демонстрациите во Киев.