Јакимовска - Барајте си ги потрошувачките права

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Интервју со Маја Јакимовска

Некој потрошувач, колку и да смета дека некое право кое го има е банално, не смее однапред да се откаже. Не смеат потрошувачите да се откажуваат. Доколку така би постапувале сите, едноставно потрошувачите би се нашле во една незавидна ситуација, вели Маја Јакимовска, адвокат кој се занимава со стопанско право, во интервју за Радио Слободна Европа.
Госпоѓо Јакимовска, кои потрошувачи бараат стручен совет од вас кога станува збор за прекршување на нивните права?

Најчест проблеми во изминатите години е што потрошувачите при купување на одреден производ во продавница многу пати се соочуваат со одредена, да речам, сугестија од трговците дека купениот производ може да се замени во рок од 15 дена, но без притоа да му се напомене на потрошувачот дека доколку тој е незадоволен од производот или доколку не постои истиот производ дека самиот потрошувач може да ги добие парите назад. Значи тука е тој еден проблем со кој мислам дека најчесто се судруваат нашите потрошувачи во Македонија.

За какви прекршувања на потрошувачите права најмногу ви се обраќаат?

Најчесто се случува кога луѓето ќе купат одреден производ, при купувањето да им бидат презентирани одредени карактеристики на производот, а кога ќе дојдат дома се случува самиот производ да не ги содржи тие карактеристики или после извесен период на користење производот да престане да ја извршува својата функција поради што бил купен тој производ или пак многу пати се случува да купиме одреденa услуга при што ни се нуди нешто, а едноставно ние не ја добиваме таа услуга со тој квалитет за кој ние сме го склучиле договорот. Секогаш кога се соочуваме со одреден проблем, детално ги разгледуваме договорите кои странките ги потпишувале, се гледа законската регулатива и секогаш се трудиме да најдеме, таму каде што може да се најде, одредено решение. Најчесто на нашите клиенти им советуваме првин мирно да се реши ситуацијата, a доколку не може да се реши таа ситуација на мирен начин тогаш, започнуваме одредена судска постапка.

Кога станува збор за судските постапки, во една дебата рековте дека правдата за потрошувачите е скапа, зошто?

Во принцип, доколку некој сака да поведе судски спор пред надлежните судови во Република Македонија, пред сè мора да ангажира адвокат. Тука зборуваме за повеќе видови на трошоци кои одредена странка мора да ги сноси за да може да се води одредена постапка пред судовите. Нормално тука е адвокатската награда, тука се судските такси кои мора тоа лице да ги понесе, а може да настанат дополнителни трошоци за извршување на вештачење. Некогаш тоа е економски исплатливо за странката, во зависност колку ќе добие како надомест, но некогаш се случува и да се водат парници во кои крајниот економски ефект може да биде незадоволителен за странката. Не значи дека ако странката смета дека е во право, дека тоа што го бара ќе го добие на суд.

Кога граѓаните одлучуваат дали да поведат постапка или не, дали ваквите трошоци влијаат на нивната одлука за поведување постапка? Дали се обесхрабруваат кога сфаќаат колку треба да издвојат од нивниот домашен буџет?

Па не, не се обесхрабруваат. Оние коишто имаат докази и кои цврсто веруваат дека можат да го остварат своето право пред надлежниот суд, не се обесхрабруваат. Тоа е позитивно и затоа сметам дека ако некој потрошувач, колку и да смета дека некое право кое го има е банално, не смее однапред да се откаже. Не смеат потрошувачите да се откажуваат. Доколку така би постапувале сите, едноставно потрошувачите би се нашле во една незавидна ситуација во која тие ги имаат правата, ги имаат обврските и ги остваруваат, а доколку им следи некое право, тие тоа право не го остваруваат.