Лавров и Кери на средба за украинската криза

Државниот секретар на САД, Џон Кери и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров треба да одржат разговори за кризата во Украина во Париз. Кери се враќаше од патувањето на Блискиот Исток во саботата но ненадејно го смени планот и замина за Франција. Закажаниот состанок доаѓа откако претседателот Барак Обама и претседателот Владимир Путин разговараа по телефон доцна во петокот. Во разговорот, Обама ја повика Русија да ги повлече своите војници од источната граница на Украина. Во саботата, Лавров изјави за руска телевизија дека Москва нема намера да испрати војници во Украина, но додаде дека Русија е подготвена да ги заштити правата на Русите во Украина. Исто така во саботата, претставници на татарското малцинство на Крим ја осудија руската анексија на полуостровот и апелираа до меѓународните тела за признавање како самостојна група.