Заев: стартува вториот караван на опозицијата

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев најави дека од денеска во Македонија стартува вториот караван на опозицијата, предводен од СДСМ и од раководствата на помалите политички партии со кои се во коалиција.
- Целта е да посетиме колку што може повеќе места и да се видиме со што повеќе граѓани, рече Заев на денешната прес-конференција.
Според него, промените во државата ќе се случат. Тие се можни, како што рече, исклучиво ако СДСМ се промени, токму затоа Стево Пендаровски е натпартиски кандидат за претседател на сите граѓани.
Според Заев, Нано Ружин не прифатил да биде на кандидатската листа за пратеници зашто отстапил простор за младите луѓе. Веројатно, како што рече, има аспирации за извршната власт.
- Како што се раздвоивме со ВМРО-Народна и со Достоинство, раздвојувањето со Либералната партија е поради специфичноста што ја носат парламентарните избори. Премногу сме различни во концепциите што им ги нудиме на граѓаните. Не сакаме да испраќаме двосмислени и непрецизни пораки, рече Заев.