Ќе се одбележува „Часот на планетата Земја“

Градот Скопје информира дека од 20:30 часот до 21:30 часот ќе се вклучи во одбележување на најголемата светска волонтерска акција „Часот на планетата Земја“ со исклучување на уличното осветлување на плоштадот „Македонија“, илуминацијата на Скопската тврдина Кале, Камен мост, Ристиќева палата и објектот „Пелистер“.
Во акцијата ќе земат учество 154 земји во светот кои со едночасовно исклучување на осветлувањето ќе испратат порака за намалување на користењето на енергетските ресурси и за намалување на климатските промени.
Во текот на „Часот на планетата Земја“ на плоштадот „Македонија“ со запалени свеќи ќе се формира бројот 60 што означува шеесетминутно штедење на енергетските ресурси и заштита од климатските промени. Во исто време, 150 волонтери и претставници од Црвениот крст, Град Скопје, од невладини организации и ученици ќе се движат со запалени свеќи.