Генералното собрание на ОН за интегритетот на Украина

Генералното собрание на Обединетите нации денеска ја изгласа резолуцијата за територијалниот интегритет на Украина и за осуда на руската анексија на Крим, За резолуцијата која не е обврзувачка, гласаа 100 земји, 11 беа против, додека 58 земји се воздржаа. Претходно, привремениот министер за надворешни работи на Украина Андриј Дешчица на денешната седница изјави дека руската анексија на Крим претставува сериозно кршење на меѓународните договори за безбедност. Рускиот амбасадор Виталиј Чуркин пак, изјави дека Крим историски бил дел од Русија, додавајќи дека украинската легитимна влада престанала да постои откако претседателот Виктор Јанукович бил отстранет од власт во минатиот месец. Претставниците на Европската унија и на Соединетите држави во Њујорк ја осудија анексијата на Крим со забелешка дека руската акција претставува менување на границите со употреба на сила.