Народен правобранител - Пријавување повреда на избирачко право

Во канцеларијата на Народниот правобранител од утре граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатна телефонска линија. Граѓаните можат да ги пријават неправилностите во изборниот период и на денот на гласањето на бројот 0800 54321.

Од кабинетот на Народниот правобранител соопштуваат дека телефонската линија ќе функционира секој работен ден од 8 до 16 часот и дека по пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, по примениот повик, или снимената порака.

Оттаму потсетуваат дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање и оти никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право. Повредата на слободата на определувањето на избирачите, како и други повреди на избирачкото право се казниви дела.