Руските сили упаднаа во украинската воена база во Белбек

Украинската воздухопловна база во градот Новофедоривка во западен Крим.

Руските сили упаднаа во украинската воена база во Крим, откако про-руски демонстранти претходно влегоа во друга база на полуостровот. Оклопно возило ја проби портата на базата во Белбек во близина на Севастопол, а беше забележано возило на брза помош кое со голема брзина возеше низ базата. Очевидци велат дека од базата биле слушнати истрели од огнено оружје.

Околу 200 про-руски демонстранти претходно упаднаа во украинската воздухопловна база во градот Новофедоривка во западен Крим. Дописниците од местото на настанот јавуваат дека демонстрантите кои извикувале „Русија! Русија!“, упаднале во базата и почнале да кршат прозорци. Украинскиот воен персонал се барикадирал во зградите и фрла димни бомби врз демонстрантите од покривите на објектите.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека заклучно со 21 март руското државно знаме е подигнато на 147 украински воени објекти во Крим. Руските морнарички знамиња се поставени на 54 украински воени бродови, вклучувајќи ја и единствената украинска подморница „Запорижиа“.

Околу 5 илјади луѓе во меѓувреме се собраа на про-руски протест во градот Доњецк во источна Украина. Многумина од демонстрантите извикуваат слогани во поддршка на референдум за отцепување од Украина.