Бесими и Попоски во посета на Брисел

Министерот за надворешни работи Никола Попоски и вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими денеска ќе престојуваат во работна посета на европските институции во Брисел. Како што соопшти МНР, за време на посетата Попоски и Бесими ќе имаат заедничка средба со комесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе, на која ќе се разговара за исполнувањето на клучните приоритети од Пристапниот дијалог на високо ниво (ПДВН), како и за организирањето на следниот состанок на ПДВН, веднаш по изборите.
На состанокот, исто така, ќе се разгледаат перспективите на евроинтегративниот процес на Република Македонија во 2014 година.
Предвидени се и други средби со високи претставници од европските институции.