Кери и Лавров ќе разговараат за Украина

Американскиот Државен секретар Џон Кери и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска во Лондон ќе разговараат за кризата во Украина. Вчера Кери предупреди дека САД и Европа ќе преземат сериозни чекори ако референдумот за приклучување на Крим кон Русија биде одржан в недела, како што е планирано.
Претходно, германската канцеларка Ангела Меркел предупреди на „катастрофа“ доколку Русија не го смени курсот.
Во ОН, американскиот амбасадор Саманта Пауер предупреди дека времето за мирно решение истекува.
Украинскиот премиер Арсениј Јацењук изјави пред Советот за безбедност на ОН дека руската воена агресија ја поткопала глобалната безбедност.
Рускиот амбасадор Виталиј Чуркин, пак, рече дека Русија не сакала војна во Украина. Тој говореше откако Русија ги почна новите воени вежби во близина на границата со Украина.
Во меѓувреме во Доњецк, едно лице беше убиено откако про-европските демонстранти беа нападнати од про-руските поддржувачи.