Потрагата по малезискиот авион може да се прошири и во Индиски Океан

Белата Куќа соопшти дека потрагата по исчезнатиот малезиски авион може да биде проширена и во Индиски Океан. Портпаролот Џеј Карни изјави дека до ова доаѓа по некои нови информации, кои според него, не се доволно убедливи, но се нови. Тој немаше никакви дополнителни детали во врска со оваа најава, додавајќи само дека се во консултации со меѓународните партнери.
Во меѓувреме, Вол Стрит Џурнал цитира американски член на истрагата, кој вели дека постојат сомневања оти Боингот 777 останал во воздух околу 4 часа по последниот потврден контакт.
Истрагата засега не отфрла ниедна можна причина за исчезнувањето на авионот со 239 патници, што се случи во саботата.