Македонскиот јазик ќе може да се изучува во цела Албанија

Голо Брдо

Комитетот на министрите на Советот на Европа, усвои резолуција за спроведување на Рамковната конвенција за заштитата на националните малцинства од страна на Албанија. Со резолуцијата Албанија прифаќа да овозможи школување на припадниците на Македонското национално малцинство на свој мајчин јазик од најрана возраст.
Во резолуцијата се нагласува дека албанските власти во мај 2011 година ја укинаа обврската на изводите од матичната книга на родените да стои етничката припадност за лицата со потекло од грчкото и македонското национално малцинство, повикувајќи се на изводите на нивните родители, а не врз слободните изјави на лицата. Ова се практикувало само за македонското и грчкото малцинство во одредени дистрикти на Албанија, со што според Стразбур „претставуваше дискриминација меѓу лицата кои им припаѓаат на различните национални малцинства“.
Албанија има донесено и план за промовирање на регрутирањето на припадници од националните малцинства во силите на редот, како и сенсибилизација на силите на редот на проблематиката со човековите права.
Комитетот на министрите сепак е загрижен што Албанија не донела ниту еден закон кој се однесува на националните малцинства и покрај нејзиното ангажирање во рамките на Националниот план за спроведување на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ.
Овај закон треба да ги појасни прашањата кои се однесуваат на спроведувањето на Рамковната конвенција за заштита на малцинствата, а остануваат нерешени и многу други проблеми како правните рамки за признавање на едно национално малцинство, институционалните рамки за организрањето на дијалог со нивните претставници, користењето на малцинските јазици во односите со администрацијата, топографските индикации, двојазичните натписи, ова посебно во географските зони каде традиционално живеат националните малцинства.