Прв натпревар на фудбалската репрезентација на Косово

Фудбалската репрезентација на Косово синоќа го одигра својот прв меѓународен натпревар. Пред 18 илјади гледачи во Митровица, Косово во пријателски меч играше нерешено 0:0 против Хаити.
Во јануари ФИФА одобри нејзините земји членки да организираат национални и клупски натпревари против репрезантацијата и клубови од Косово. Оваа одлука беше донесена и покрај противењето на Србија.
Сепак, ФИФА нареди овој натпревар во Митровица да се одигра со одредени ограничувања, односно неисполнување на косовската химна, неистакнување на знамето, како и немање државни симболи на нивните дресови.
Речиси целиот косовски состав е составен од играчи кои настапуваат во странство, а сите се од албанска националност.