Кери се закани со економски санкции против Русија

Американскиот државен секретар Џон Кери.

Американскиот државен секретар Џон Кери ја осуди Русија за „неверојатниот акт на агресија“ врз Украина. Зборувајќи во телевизиско ток-шоу на телевизијата Си-Би-Ес во САД денеска, тој исто така се закани со „многу сериозни последици“ од страна на САД и од други земји, вклучувајќи и санкции, кои ќе ја изолираат Русија на економски план. Кери ја отвори можноста за бојкот на Самитот на Г8 што треба да се одржи летоска во рускиот град Сочи. Тој исто така рече дека се можни визни забрани, замрзнување на средства и трговски и инвестициски казни. Кери рече дека вчера разговарал со министрите за надворешни работи од Г8 и од други земји и оти сите се подготвени да се вклучат во изолирањето на Русија.

Претходно, британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг изјави дека суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина е нарушен од страна на Москва. Кусо пред полетувањето за Киев, каде што треба да се сретне со официјалните претставници, тој ги повика двете страни во украинската криза да избегнат конфликт.

Загриженоста во западните земји за состојбата во Украина се зголеми откако т.н. Сили за самоодбрана на Крим ја презедоа контролата врз воени бази на полуостровот. Сили за самоодбрана стана често користен термин од проруските власти на Крим за војниците без обележја што се појавија во четвртокот и за кои се верува дека се дел од околу 15-те илјади руски морнарички сили распоредени на полуостровот. Горниот дом на рускиот парламент вчера му одобри на претседателот Владимир Путин користење на војската за да се заштитат етничките Руси во Украина. Киев на тоа одговори со мобилизација на резервниот состав на армијата.