Нова средба на „тројката“ со претставници на грчката Влада

За денеска попладне е планирана нова средба на економската екипа на грчката коалициска Влада со претставници на тројката меѓународни кредитори (ЕУ, ЕЦБ, ММФ), кои се во Атина за проверка на финансиите заради деблокирање на последната транша од кредитите за Грција, соопштуваат грчките електронски весници.

Владата има цел консултациите со тројката да ги заврши до 10 март, кога е средбата на Еврогрупата. На неа Атина се надева дека ќе се донесе одлука за исплаќање на траншата.

Извори од грчкото Министерство за финансии не ја исклучуваат можноста министрите за финансии од еврозоната вонредно да заседаваат и на 17 март, ако останат нерешени некои прашања.

Едно од „оружјата“ на Владата на овие консултации е првичниот буџетски суфицит за 2013 година. Кредиторите инсистираат средствата од овој суфицит да не бидат прераспределени заради стравувања од нова дупка во буџетот за годинава. Владата, меѓутоа, е убедена дека многу добрите резултати за 2013 година ќе ја компензираат дупката во буџетот за 2014 година и дека годинава не се нужни дополнителни мерки за штедење.